Бугарската телевизија „БТВ“ утрово објави видео од инцидентот во кој масикрани лица го демолираат бугарскиот културен центар „Цар Борис Трети“ во Охрид. На снимката од безбедносната видео камера на Клубот се забележуваат три лица како го кршат клубот со камења.
Од СВР Охрид велат дека нема дополнителни информации за инцидентот освен она што беше кажано вчера дека продолжуваат со мерките за пронаоѓање на сторителите.
– Фокусирани сме на пронаоѓање на сторителите“, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Во врска со појавувањето на видео снимката, тој кусо одговара дека „сѐ што може да помогне во пронаоѓање на сторителите ќе биде употребено“.
Вчера на официјалната страница на Клубот Цар Борис III – Охрид на Фејсбук осамнаа фотографии од демолираниот објект со информација дека инцидентот се случил во 2 часот по полноќ. Искршени се стаклата на влезот на просториите.