Вчера започна традиционалната стопанска манифестација Неготински панаѓур, која ќе трае три дена. Настанот кој во Неготино се одржува повеќе од стотина години, и кој е еден вид белег на градот, овојпат е со речиси трипати помал број на штандови.
Во минатото, за време на панаѓурот се случуваше да има и по неколку десетици илјади посетители од цела земја, а на штандовите се нудеа најразлични производи, од текстил до казани за ракија, мебел, домашни миленици…
И бројот на посетители е значително намален, а трговците велат дека тоа се должи на последните трендови – интернет продажба, но и на сумата од 2.700 денари за изнајмување на метар квадратен на градскиот плоштад.
-Во споредба со претходните години, сега е многу послабо. Помалку народ, помалку купувачи, шетаат, гледаат, но не купуваат. Дефинитивно, Неготински панаѓур замира, барем засега, ова е најслабиот ден, кога е прометот во прашање – велат продавачи на текстил, кои со години наназад од Скопје доаѓаат со свој штанд.
Во минатото, на масите поставени во центарот каде се служи скара, исто така нема многу гости. Ги нема и дневните забави со жива музика кои беа карактеристични за панаѓурот. Најавени се гостувања на неколку музичари во тек на вечерните часови во познати угостителски локали, и не може, а да не се забележи дека Неготински панаѓур го губи сјајот по кој беше препознатлив, кога буквално немаше каде да се фрли игла. Во изминатите години, дури и се случуваше локалните власти да наплаќаат по 50 денари од возило за влез во градот, во тек на панаѓурот, а и покрај тоа возилата постојано пристигаа од сите градови.
-Панаѓурот е традиција на Неготино која не смее да замре, но мора да се модернизира. Да се поведе сметка за хигиената, да им се овозможат подобри услови на тезгаџиите, кои спијат под тезгите или во возилата. Околу плоштадот забележавме само три мобилни тоалети, што е премал број во споредба со луѓето кои дошле овде да продаваат и престојуваат три дена.
Да не се ремети секојдневниот ритам на локалните жители, па и да се понуди друга локација, со посовремени и средени штандови, оти некои трговци изложуваат производи дури и на картонски кутии или пак на чаршафи послани на земја, а кабли им висат над глава на купувачите. Сепак, 21-ви век сме, сликата е грда – велат неготинци.
Вики Клинчарова