„Пред нас е Предлог Буџет за 2025 година тежок 6,5 милијарди евра, но со скратени средствата за земјоделство и земјоделците, што негативно ќе влијае на производството на храна и приходите на земјоделците. Вкупниот Буџет за земјоделство, шумарство, лов и риболов за 2025 година е намален за 15%. Или подетално: За 10 пати е скратена сумата предвидена за Програмата за рурален развој. Со тоа директно се крати на поддршката за инвестиции во земјоделска механизација, набавка на добиток, модернизација на земјоделски објекти, промоција на македонските производи, инвестиции во општините“ рече пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски на денешната прес-конференција.
Тој напомена дека „Владата на СДСМ со правилни политики ја направи Северна Македонија лидер во искористеност на ИПАРД Програмата. Но, ВМРО ДПМНЕ очигледно не ја сфаќа важноста на европските фондови за развојот на македонското земјоделство.Во 2025 година Програмата за кофинансирање на проекти од ИПАРД 3 е намалена е за 14.5 %“.
„Помалку средства или за 30 % е намалена сумата за инвестиции за Програмата за изградба на системи за наводнување. Тоа значи дека земјоделците ќе бидат оставени без современи системи за наводнување, што директно ќе влијае врз нарушување на квантитетот и квалитетот на земјоделското производство. И покрај предизборните ветувања за повисоки субвенции, за следната година нема раст субвенциите и тие се на исто или помало ниво. Да заклучам, во Буџетот за 2025 нема ниту една нова политика или програма, се што е планирано е проект на Владата на СДСМ. Значи сега кога власта има отсуство на идеи, нашите политики се добри“ рече Николовски.
Дополни дека „во предлог Буџетот за 2025 година Владата не ги зема предвид потребите на земјоделците за дополнителни субвенции за тутунарите, производителите на јаболка и оризопроизводителите кои се соочуваат со ниски откупни цени. Очигледно за власта поважна е набавката на луксузни возила и скап мебел, отколку егзистенцијата на земјоделците и вреднувањето на нивниот труд“.