Јас уште минатата недела ја стартував кампањата во четвртата изборна единица каде ќе бидам носител за парламентарните избори. Атмосферата е навистина одлична, луѓето доаѓаат, не поддржуваат, се приклучуваат кон ВМРО-ДПМНЕ, и очекувам во ИЕ 4 да имаме најголема победа за ВМРО-ДПМНЕ, да освоиме најмногу гласови во апсолутна бројка и најмногу пратеници, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
„Во Радовиш има одлична атмосфера, вечерва имаме средба со сите наши активист, со тие кои се срцето на партијата. Да позборуваме со нив, да се организираме и да имаме успешна кампања.
Очекувам двојна победа, победа на претседателските избори и победа на парламентарните избори. После 8 мај претседател да биде Гордана Силјановска Давкова, а Христијан Мицкоски да биде премиер на Македонија.
Имаме бројни работи коишто ќе ги направиме за овој регион. Конкретно за општина Радовиш планираме инвестициски циклус од некаде 10 -12 милиони евра во следните 4 години, исклучиво во инфраструктурни проекти, водоводи, канализациони системи, понатаму асфалтирање на улици, решавање на партерно уредување, плоштади, здравствени домови, градинки, училишта да еднаш засекогаш се затвори таа тема на инфраструктура и после еден четири годишен циклус следните четири години да можеме да зборуваме за покрупни проекти кои што можат да се реализираат.
Исто така во делот на економијата планираме намалување на даноци што ќе ја поттикне економијата, кај пензионерите линеарно зголемување на пензиите за 5 000 денари и бројни други работи кои што ќе ги презентираме така што еве тоа е причината што вечерва сум во Радовиш“ рече Николоски.