Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за формирање на Републички изборен штаб за следните избори којшто ќе го предводи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а негов заменик ќе биде генералниот секретар Ѓоргија Сајкоски, соопшти вечерва потпретседател на партијата Александар Николоски.
Како што рече, отпочната е и подготовката за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, чиј избор традиционално ќе биде направен на Изборна конвенција која што ќе се случи на 2 март следната година.
„Очекуваме голема историска победа после која ќе се случат промените во Македонија и ќе се стави крај на оваа корупција, како и тонење на економијата. Победата ќе биде силна и убедлива затоа што Македонија заслужува промени и состојбата никогаш не била потешка и подраматична за нашата држава, изјави Николоски и додаде дека седницата започнала со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од монструозното убиство.