Без зборови не остави сите Амди Бајрам, кога влезе во салата на балот, облечен како султан. Цела војска позади него, а тој прав Сулејман, баш го личи! Само тој си знае зошто така се дотерал на Ромскиот бал, ама сите не расположи, и секогаш знае пријатно да не изненади – ни раскажаа гости кои што биле дел од големата традиционална манифестација, која завчера се одржа по 39 пат во хотелот Александар Палас во Скопје.
Дознаваме дека кога Бајрам спектакуларно се појавил на балот, во позадина свирела музиката од филмот посветен на Султан Сулејман, а гостите му ракоплескале. Илјадници посетители од земјава и од Европа, голем број на регионални музичари како Верица Шерифовиќ, Азис бенд, Ѕвонко Демировиќ, Јулија Бикова и многу други биле дел од забавата која се одржува под покровителство на Сојузот на Ромите во Македонија и пратеникот Амди Бајрам.
Околу тоа кој го зазеде местото на стариот кум, Сашо Мијалков, кој традиционално и ја ставаше круната на најубавата ромка во изминатите години, не успеавме да дознаеме детали, бидејќи нашите соговорници кои биле присутни на балот ни изјавија дека не смеат да откриваат информации.
Дознаваме дека годинава не биле присутни ниту редовните гости од врвот на ВМРО ДПМНЕ, кои во минатото имаа почесни места на балот. Ниту Амди Бајрам не беше достапен на телефон, да ги сподели вепчатоците од настанот, но и да раскаже што го мотивирало да се појави облечен како султан, иако негови фотографии веќе се појавија на социјалните мрежи.
Манифестацијата која секоја година привлекува голем број на посетители од повеќе европски земји, и за самите гости била еден вид на престижен настан, за кој се подготвувале со месеци однапред. Некои шиеле гардероба по порачка, а некои пак купувале познатити модни брендови. Повеќето од гостинките, во тек на ноќта и по неколку пати ја промениле гардеробата, со цел да ги воодушеват присутните.
-Ова е голем настан за нас. Веќе има и други Ромски балови, во Шутка и во Куманово, времето си одминува, доаѓаат млади генерации и ние постарите треба да им отстапиме простор – ни изјави пред десеттина дена Бајрам, и ни потврди дека новитет на балот е тоа што Мијалков нема повеќе да биде кум, поради актуелните политички случувања.
Вики Клинчарова