Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција и СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје, со поддршка од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, вчера лиши од слобода пет лица, Д.Т.(25), Е.М.(35), Ж.П(46), С.Ч.З. ( 38), Б.Ф (44), сите од Скопје.
Како што информираше портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, извршени биле претреси на седум локации во Скопје, при што била откриена лабораторија за производство на амфетамин, како и дрога со вредност од околу половина милион евра, доколку била продадена преку уличните дилери.
„Имено, пронајдени се синтетичка дрога амфетамин во количина од околу седум килограми, еден килограм кокаин, околу 22 килограми марихуана, околу 3 000 таблети екстази, автоматска пушка ‘калашников’, 667 куршуми различен калибар, рамка за автоматска пушка, две рамки за пиштол, повеќе дигитални ваги со остатоци од амфетамин, опрема за производство на синтетичка дрога амфетамин, калапи за амфетамин, поголема количина на течност за производство на синтетичка амфетамин, евиденции, тетратки и листови со прибелешки за должници односно лица кои купувале дрога, пари за кои постојат основи на сомнение дека потекнуваат од продажба на дрога и четири патнички возила“ – соопшти Ангеловски.
Претходно, во текот на месеците јануари, февруари и март 2023 година, по наредба на Јавен обвинител од ОЈО Скопје, беше спроведено криминалистичко истражување насочено кон лица улични дилери, кои вршат продажба на синтетичка дрога амфетамин и на марихуана од Скопје при што веќе беа лишени од слобода три лица Д.Т ( 33) , Д.М ( 37) и Ј. С ( 41) сите од Скопје кои набавувале синтетички дроги и кои се веќе кривично процесуирани, додаде тој.
„Приведените лица подолго време биле инволвирани во улична продажба на синтетичка дрога амфетамин на подрачјето на Скопје за што изнајмиле повеќе станови во центарот на Скопје, како и во населбата Ѓорче Петров, кои ги користеле како депо за чување, производство и пакување на синтетички дроги и во нив преземале мерки на заштита со инсталирање на видео надзори. Дрогата ја продавале по 2 000 денари за грам амфетамин, 3 000 денари за грам кокаин, 600 денари за таблета екстази, а пакување марихуана за 1 000 денари“ – информираше Ангеловски.
Вакви активности полицијата спровела и во другите градови од државата.
Од почетокот на оваа недела извршени се 36 претреси, приведени се 32 лица, при што запленет е амфетамин, екстази, марихуана и други видови дрога.