Во првиот поткаст на Плусинфо, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски зборуваше за односите со Бугарија, за предлозите на неговата партија за решавање на спорот, за глобалните трендови во меѓународната политика, за изборната трка во САД, за стигматизирањето на десницата во Македонија и за повеќе други интересни теми.
Во низа од скоро една година ВМРО-ДПМНЕ е политичкиот субјект којшто нуди различни решенија за спорот со Бугарија. Кога Владата почна да зборува за хрватско решение и кога ВМРО-ДПМНЕ рече дека го прифаќаме, тие ретерираа. Еден дел од Владата не знаеше што е тоа хрватски модел, а другиот дел од владата блефираше. Потоа рековме, подготвени сме да прифатиме одложена примена на уставните измени. И тоа беше отфрлено. Сега велиме, дајте да видиме кои се гаранциите за Република Македонија од гледна точка на извесноста на патот и напредокот кон полноправно членство, затоа што гледаме дека 20 години наназад неправедно ни се создава неизвесност“, изјави тој.
Зборувајќи за спорот со Бугарија, Муцунски вели:„ Дајте да видиме тој сосед, кој што има очекувања од нас во делот на некоое нивно проширено толкување за проширување на малцинските права на Бугарите во Македонија, дали тој е подготвен да даде пример на почитувањето на правата на македонското малцинство кое што живее на територијата на Бугарија“ рече тој.
На прашањето дали е реално да се очекува нешто да добиеме со таквите заложби, Муцунски одговара:„Доколку сме проактивни и ако го искористиме геополитичкиот контекст којшто ни оди во полза, можеме нешто да добиеме. Најдобар доказ за тоа е тоа што се случи пред повеќе од еден месец, кога во Советот на ЕУ видовме како пристапот на консензуалност во одлучувањето се замени со пристапот на празно столче, кога се одлучуваше за почетокот на пристапните пореговори за Украина“.
Муцунски предвидува дека Западниот Балкан ќе биде еден пакет од гледна точка на пристапување кон ЕУ. Во овој момент, Србија, Црна Гора и Албанија се сметаат за првиот пакет, додека во вториот пакет се Косово и Босна и Херцеговина. Неизвесно е каде е Македонија. Анализирајќи го досегашното искуство на проширувањето на Унијата, посебно бранот на проширување со земји членки од Централна и Источна Европа, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Западниот Балкан ќе биде апсорбиран од страна на ЕУ во еден пакет, без оглед што земјите се борат со своите индивидуални достигнувања.
„Ние не треба да продолжиме да правиме непромислени потези во надворешната политика, создадени врз основа на лажни очекувања. Како, на пример, митот којшто СДСМ се обидува да го наметне во моментов, дека до 2030 година Македонија ќе стане земја членка на Европската Унија. Тоа што СДСМ вели „дајте ни сега мандат, ние ќе ја внесеме Македонија во Европската Унија до крајот на мандатот“, тоа е ноторна лага.