Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска од Брисел изјави дека денот бил успешен по средбите со европските челници во Брисел. Тој истакна дека Владата ќе продолжи да работи и да испорачува резултати бидејќи тоа е главната порака дадена од Европската Унија.
„ Од нас очекуваат резултати во делот на владеењето на правото, борбата со корупцијата, доброто владеење и сите оние политики каде што имаме сериозни недостатоци во државата“, рече Муцунски.
Тој додаде дека на средбите во Брисел ја афирмирале посветеноста на Владата за продолжување на патот кон ЕУ.
Во однос на усвојување на уставните измени со одложено дејство, министерот посочи дека со претставниците на ЕУ се дискутирало и за дел од овие прашања и дека дијалогот со европските инситуции и со земјите членки ќе продолжи и натаму.
„Секако тоа што го зборуваме јавно го зборуваме и на сите овие состаноци, а тоа е дека очигледно постои предизвик создаден од лоши одлуки носени во минатото. И ќе повторам, ние работиме прво на заштита на нашиот национален интерес за да имаме предвидлив пат кон полноправно членство, а второ и на заштита на политиката на проширување. Веруваме дека со добра верба, добра волја и конкретни решенија може да се најде излез од секој предизвик којшто постои“, додаде Муцунски.