Близу две децении Живко Мукаетов е на чело на скопски „Алкалоид“. Бројни беа предизвицитe за време на близу 90-годишното постоење на компанијата, вели генералниот директор Мукаетов, во интервју за Al Jazeera Balkans, но едно е константа – инвестициите. „Алкалоид“ денес има повеќе од 2000 вработени, од кои 600 надвор од границите на Северна Македонија.
Со инвестиции поголеми од 104 милиони евра во последните пет години, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан ја прогласи оваа компанија за водечки инвеститор во регионот.
Г. Мукаетов, Ви благодарам што зборувате за Al Jazeera и Ви благодарам што нѐ примивте во Вашиот дом. „Алкалоид“ наскоро ќе слави 90 години. Помина промени на неколку општествени системи и сѐ уште важи за една од најуспешните компании на ова поднебје, а и пошироко во регионот. Како „Алкалоид“ успеа да стане национален, но и регионален фармацевтски гигант?
„Алкалоид“ е компанија која веќе 87 години функционира. Поминала низ разни општествени системи и морам да признаам дека сум многу горд што сум дел од оваа компанија. Успехот на „Алкалоид“ се должи, пред сѐ, на квалитетот на луѓето кои работат во компанијата. Зборуваме за над 2.600 вработени, семејства, кои се дел од нашата компанија, едно големо семејство.
Се должи, секако, на квалитетот на производите; се должи на она што значи брендот „Алкалоид“, на она што значат брендовите кои „Алкалоид“ ги има и кои се нашироко познати, дали се тоа „Кафетин“, „Бекутан“, „Панцеф“, Good Nature и многу други, така што сето тоа има свое влијание на она што значи континуиран развој на компанијата. Тука би сакал да истакнам дека квалитетот секогаш ни е на прво место.
И тоа е многу важно за една компанија во континуитет да може да гради еден позитивен имиџ за себе и за своите производи. Исто, за мене е многу важно што компанијата за сите овие години успеа да покаже една резилиентност и да покаже една способност за адаптација кон новите ситуации кои се случуваат онаму каде што е присутна.
Она што е огромен проблем е и масовното иселување на младите. Како овој одлив на мозоци ве погодува како фирма, како „Алкалоид“, и што треба да се направи за да се сопре овој тренд?
„Искрено да ви кажам дека ако разговаравме пред 10 години, јас ќе ви кажев дека најголем предизвик за „Алкалоид“ се продажбите. Денеска со полна одговорност тврдам дека најголем предизвик за нас е како да ги задржиме квалитетните луѓе тука, во компанијата, како да ги мотивираме, што сѐ треба да направиме за она што е визија за раст на „Алкалоид“ како компанија да може да се следи со квалитетни кадри.
Ние влеговме во доста проекти од типот на дуално образование со Средното медицинско и Програмата за практикантство со факултетите, каде што над 100 факултетлии доаѓаат во компанијата и работат со ментори за по завршувањето на факултетот да работат во компанијата. Секоја година правиме анализа на задоволството на вработените со разни додатни програми за да ги мотивираме, затоа што на младите луѓе веќе не им се важни само парите. Ние зборуваме за квалитетот на живот, зборуваме за квалитетот на воздухот, зборуваме за содржината која тие ќе ја имаат надвор од она што го доживуваат на работното место. Значи многу фактори. Ние треба да сме свесни дека не се сведува се само на она што им го нудиме ние како компанија на нашите вработени, туку каков е целиот пакет“ наведува Мукаетов.