(ВИДЕО) Модриќ на прес-конференција доживеа момент кој ќе го памети засекогаш

by Fokus

Лука Модриќ, 38-годишниот капитен на хрватската фудбалска репрезентација, беше длабоко погоден по ремито со Италија (1:1) на Европското првенство, кое речиси сигурно ја елиминираше Хрватска од понатамошното натпреварување.

Иако постигна гол и беше прогласен за играч на натпреварот, Модриќ тешко го прифати фактот дека најверојатно ја загуби последната шанса да освои голем трофеј со националниот тим.

По натпреварот, Модриќ беше видно емотивен и во солзи додека ја примаше наградата за играч на натпреварот.

Сепак, на прес-конференцијата, еден италијански новинар успеа да го расположи со топли зборови на благодарност за сето она што го пружи во текот на неговата кариера.

„Би-би-си“ објави видео од тој момент.

„Лука, добра вечер од италијански новинар. Сакам да ви се заблагодарам за се што покажавте не само вечерва, туку и во текот на вашата кариера. Уште еднаш го напуштивте теренот како врвен играч. Промашивте пенал, но постигнавте гол веднаш потоа, сакам никогаш да не се пензионирате бидејќи сте еден од најдобрите играчи за кои сум коментирал“.

Овие зборови предизвикаа аплауз кај присутните новинари, а Модриќ трогнат одговори:

„Грацие. Ви благодарам од се срце за таквите прекрасни зборови. И јас би сакал да играм фудбал засекогаш, но ќе дојде момент кога ќе треба да ги закачам копачките. Не знам уште колку ќе играм, но ви благодарам за убавите зборови“.

Овој момент покажа колку е почитуван и сакан Модриќ не само во Хрватска, туку и ширум светот, како и колку е тешко да се прифати крајот на исклучителната фудбалска кариера.

 

Поврзани новости