ВИДЕО Мицотакис не може да ги допре името, државјанството и јазикот

by lali

Ден пред изборите во Грција, на кои ќе ги судрат силите Сириза на премиерот Алексис Ципрас и Нова Демократија на Киријакос Мицотакис, екипата на 1ТВ во Атина разговараше со професорот по меѓународно право на тамошниот универзитет и кандидат за пратеник на Нова демократија Ангелос Сиригос.

Како што вели тој, на утрешните избори Нова демократија нуди целосно различна стратегија за економијата, надворешната политика, безбедноста и проблемот со миграцијата. Според него, најголема грешка на владата на Ципрас е тоа што кога бил во опозицијата бил голем популист и ветувал сѐ, но кога дошол на власт, сфатил дека тоа не е возможно.

-Продолжи со истата реторика, но истовремено, ја следеше патеката на разните меморандуми поврзани со кризата и беше одговорен за третиот меморандум што го потпиша Грција и кој имаше строги услови во однос на менаџирањето на економијата, вели Сиригос.

Во врска со Преспанскиот договор, тој изјави дека за разлика од Северна Македонија, каде што најголемите партии разговарале пред потпишувањето, во Грција никој не знаел ништо сѐ до потпишувањето.

-Во членот 19.9, ако се сеќавам добро, вели дека може да се прогласи за неважечки, со исклучок на членовите што се однесуваат на името на земјата, државјанството и јазикот. Трите главни проблеми од договорот не може да бидат допрени. Мицотакис мора да го почитува договорот и да види кои работи може да се сменат. Би почнал со помалите проблеми. Мислам дека има проблем со трговските марки и потеклото на производите. Второ, мислам дека е сериозно тоа што земјата се вика Северна Македонија, но граѓаните не се „Северномакедонци“. Се надевам дека тоа ќе се смени, но знам дека е многу тешко, ќе треба да ве убедиме вас, а тоа е тешко. Ја изгубивме алатката за влез во НАТО, вели Сиригос.

Целиот разговор со него и анкетата со грчките граѓани пред изборите можете да ги погледнете во видеото.

 

Поврзани новости