ВМРО-ДПМНЕ в понеделник ќе поднесе претставка пред Уставниот суд за ставање вон сила на законот за патни исправи. Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски вели дека за да се заврши процесот со промена на документите потребни се години.
„ Никако тоа не може да се заврши до февруари оваа година односно за неколку недели од денес.
Последните информации кои што ги добивам, а еве го повикувам и МВР и надлежните да се произнесат и дека се издадени милион и 200 илјади патни исправи до овој момент. И остануваат некаде околу милион и 300 илјади бидејќи вкупно се изддадени 2.5 милиони патни исправи кои што треба да се заменат. Од тие милион и 300 илјади кои што се преостанати само за сликање ако се земе во предвид дека дневно има 4.000 барања се потребни од прилика најмалку година дена. Така што е невозможно тоа да се стигне во февруари“, истакна Мицкоски од Вевчани.
Мицкоски додаде дека дури и информациите велат дека има околу 30.000 обрасци во моментот во МВР за издавање на патни исправи, десет илјади двојазични на албански јазик. Што значи дека тоа е само доволно да се покрие она кое што досега како барање е пристигнато во МВР.