(ВИДЕО) Мицкоски: Трговската размена со Германија надминува над 5 милијарди евра, наш приоритет е да бидеме пријатели со бизнис заедницата

by Fokus

„Наш приоритет е економско стабилизирање на државата нешто што на Македонија и е насушно потребно. Наш приоритет е да бидеме пријатели со бизнис заедницата, огромна е трговската размена помеѓу двете држави, таа надминува 5 милијарди евра. Од статистиката и информациите со коишто јас располагам повеќе од 25 илјади македонски граѓани се вработени во компании коишто доаѓаат од Сојузна Република Германија, и очекувам тој број да расте“ порача премиерот Христијан Мицкоски пред средбата со АХК Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

Тој најави неколку нови инвестиции.

„Ние како Влада ќе сториме се што е во наша моќ да помогнеме, затоа што нема поголемо задоволство ниту за мене, ниту за членовите во Владата од тоа кога ќе отворите ново работно место, кога ќе можете да помогнете да уште некој македонски граѓанин да остане тука дома, наместо да се сели надвор, новоотворено, добро платено работно место ќе значи и подобар стандард. Мене ме охрабруваат првите индикатори во економијата во месеците јули и август, тековен е сега септември, како ќе одминува месецот ќе ги следиме параметрите и во овој месец, но во јули и август можам да кажам дека оние податоци коишто се појавија тоа е поголемото индустриско производство со големо учество на преработувачката индустрија охрабрува, 3,8%, 4% после неколку месечниот пад којшто беше посебно жесток во месеците април, мај, јуни, сега конечно имаме позитива и очекувам и во месец август и понатаму во следните месеци до крајот на годината да имаме позитивни резултати за индустриското производство и за преработувачката индустрија, исто така БДП во вториот квартал е 2,3% над очекувањата коишто беа поставени од страна на многу меѓународни финансиски институции“ рече Мицкоски.

Очекува во следните месеци тоа да биде уште поголемо.

„Можам да кажам дека инфлацијата постепено во август месец конвергира кон оној оптимум којшто го посакуваме, тој е 2,2% во негатива од тоа што го очекувавме, значи позитивни се и таму индикаторите, споредено со август месец минатата година. Така што ако се анализираат сите овие параметри можеме да дојдеме до заклучок дека имаме раздвижување во делот на економијата и очекувам тоа така и да продолжи во периодот којшто следи. Со ова денешно присуство сакаме да испратиме порака дека Владата и бизнис заедницата се партнери и така треба да продолжат да функционираат во иднина“ рече премиерот.

 

Поврзани новости