Владата ќе направи се за да ја донесе правдата во државата, не смее да има граѓани од втор ред, сите мора да бидат подеднакви пред законите и уставот, изјави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева. Тој нагласи дека Владата останува на ставот дека се потребни коренити реформи во правосудството и за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители.
„Ние излеговме со став дека се потребни коренити промени во судството, но не го мислиме само ние тоа, го мислат и граѓаните бидејќи според сите мерења на јавното мислење, довербата на граѓаните во правосудните органи е катастрофално ниско. Ако немате правна држава, ако немате владеење на правото, ако немате обвинители и судии кои што обвинуваат по закон и Устав, тогаш ќе немате ниту економска безбедност, а кога ќе немате економска безбедност ќе немате ниту економска активност, ќе нема буџетот приходи онолку колку што се потребни за да имаме развој, а ако немате развој ќе немате среќни граѓани, среќни компании и нормално е да тие се разочараат и така разочарани да ја напуштаат Македонија. Тоа е суштината на целиот овој систем. Ние се ќе направиме да ја донесеме правдата, не смее да има граѓани од прв ред, не смее да има граѓани од втор ред, малкумина од прв ред кои се заштитени, не смее да има елита, туку мора сите да се подеднакви пред законите и Уставот, рече Мицкоски и додаде дека средбата била по барање на Советот за да ги слушнат нивните предлози во однос на реформите.
Премиерот Мицкоски ја нагласи важноста за владеењето на правото особено за безбедноста на државата.
„Ако немате владеење на право, ако немате правна држава, ако имате високо ниво на криминал и корупција тоа е безбедносен проблем. Ние како Влада по Устав и по закон имаме основна задача да ја заштитиме државата и граѓаните доколку се појави безбедносен проблем. За нас невладеењето на правото, криминалот, корупцијата, елитите се безбедносен проблем за нашата држава и ние како Влада мораме да реагираме“ рече тој.
Објасни дека овој период ќе собираат предлози и идеи и потоа ќе излезат пред јавноста со конечна позиција за тоа како ги гледаат реформите.
„ Нормално, ние си стоиме на ставот за распупштање на тие институции, за кои зборуваме целиот овој период, не очекуваме брзи резултати, но очекуваме напредок, со кој што ќе го превенираме овој безбедносен проблем кој што ни се случува поради тоа што немаме владеење на право“ посочи Мицкоски.
Оваа средба следи по бројните забелешки за работата на Судскиот совет, ниската доверба и отворениот повик на Владата за предлози за реформи во Судскиот совет.