Како нација сме претрпеле премногу понижувања и сме прифатиле многу лоши договори во име на повисоки цели за евроатлантските интеграции, за земјава, не е ниту на почетокот на патот членство во Европската Унија, рече премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на настанот во Атлантскиот совет во Вашингтон.
„Ако ние испорачуваме, тогаш очекуваме и другите да испорачаат“ порача Мицкоски и додаде дека сега од нас повторно се бараат уставни измени, кои, како што рече, не гарантираат извесност на евроинтегративниот пат.
„Сведочам дека во кога бевме (ВМРО-ДПМНЕ н.з.) опозиција во 2018 година многу луѓе од целиот свет, високи функционери на ЕУ, премиери од многу моќни НАТО земји, претседатели, членови на Европската комисија (ЕК), нè посетуваа и велеа само сменето го името и веднаш ќе станете членка на НАТО, ќе почнете преговори со ЕУ и ќе ги завршите во период од четири-пет години. Тие четири-пет години поминаа пред две години и ние сме во иста ситуација како пред 20 години. Но, во меѓувреме го сменивме знамето, валутата, името, сè“, посочи македонскиот премиер.
Тој нагласи дека поради неисполнетите ветувања, фрустрациите помеѓу граѓаните на земјава станале екстремно големи.
Овој пат, како што кажа тој, ставот е ако максимата Pacta sunt servanda (Договорите мора да се почитуваат) се применува за нас, тогаш нека се применува за сите и ако ние испорачуваме, тогаш очекуваме и другите да испорачаат, додаде тој.
Во однос на уставните измени, Мицкоски го повтори ставот на Владата.
„Ние рековме ќе го завршиме ова(уставни измени), но кога ќе ги завршиме нашите преговори, затоа што се плашиме дека ова може да се претвори во бескрајна приказна и ќе следат нови и нови барања“ рече Мицкоски во Вашингтон.