„Денеска до сега, до овој момент имав две значајни средби. Првата беше работниот ручек кој што го организираше старо-новата претседателка на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен, на кој што беа присутни и останатите пет лидери од регионот на Западен Балкан, а потоа и средба со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел“ информираа од Кабинетот на премиерот на Владата – Христијан Мицкоски.
Оттаму посочуваат „Нормално е дека на тие состаноци се разговара и за европската перспектива на регионот, како и европската перспектива на Македонија како држава. Она кое што можев да го кажам таму, а да го повторам и за вашите гледачи е дека мора процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија и за нас, но и за регионот да се темели на процес кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор“.
„За жал, ние речиси две и пол децении откако го започнавме овој интеграционен процес, откако го потпишавме Договорот за асоцијација и стабилизација, сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес. И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да започнеме преговори во кои што ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Не зборуваме за полноправно членство во рамки на Европската Унија. Ние поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век не можеме да се развиваме како држава за 21, 22 век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе. Така што уште еднаш потенцирав дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите, простете но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава, членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин“ ја пренесуваат од Владата изјавата на премиерот.
Мицкоски посочил во Брисел „Ние сме тука да бидеме конструктивни, да останеме фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел. Остануваме фокусирани да предлагаме решенија, и ако навистина има желба, тогаш има и начин. За време на ручекот еден од присутните спомена дека се потребни жртви да се направат во овој процес на интегрирање на регионот во рамките на Европската Унија. Јас само потенцирав дека правење жртва можеби за нас е и добар збор и политички коректен збор, бидејќи ние бевме жртва на многу понижувања во минатото. Пожртвуваност е нешто друго. Но, ние бевме понижени многу пати. Ќе ве потсетам во името на европските вредности променивме знаме, променивме банкноти, неколку пати Устав менувавме, менувавме име, што не направивме за да покажеме дека навистина сакаме да бидеме дел од европското семејство. И некој кога ќе ми каже ама тоа е rule of unanimity или правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум“.