Успехот на една заедница се мери во тоа колку таа заедница е обединета и колку е вклучена во општествените текови во една држава. Тоа е рецептот како да се здобие почит, како да се даде придонес и како да се избориш за себе и за своите луѓе, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Србија.
Тој нагласи дека Македонците во Србија се заедница која низ годините и децениите со својата вредна работа и со својата лојалност и посветеност изградила доверба и заслужено уважување во Србија. Тие, како што додаде, се нашиот најдобар мост за соработка помеѓу народите и двете држави.
„Денес имав можност да видам Македонци тука во Србија, да поразговарам со нив и да заклучам дека тие како и Србите во Македонија се чесни и вредни луѓе, домаќини кои придонесуваат за земјата во која живеат, но и за земјата која е нивна татковина.
Љубовта кон својот народ и кон својата земја е голема, и треба да биде сила која човекот го мотивира да направи нешто кое ќе значи негов личен успех, но и успех на заедницата на која и припаѓа.
Македонија во иднина ја гледам како земја пријател, но и партнер со Србија кои ќе се борат кој повеќе ќе направи за благосостојбата на своите граѓани, бидејќи само таква здрава компетенција и натпревар може да придонесат за општото добро на регионот.
Македонците во Србија се нераскинлив дел од овдешните општествени текови и како што можам да слушнам се исклучително почитувани, што мене многу ме радува. Ме радува секој успех на Македонците било каде на светот, но посебно би ме радувало да го видам тоа и во Македонија. Македонците умеат да ги препознаат политиките кои водат кон успех и тие политики да ги поддржат. Морам да истакнам и да потенцирам дека имаме како ВМРО-ДПМНЕ одлична сестринска соработка со политичката партија СНС.
Тоа се двете партии кои се борат за своите земји. Кога ќе ги прашаш Србите, тие ќе ти речат дека Македонците се вреден и питом народ кој придонесува и тоа ме прави посебно горд“ рече Мицкоски.
Тој ги повика Македонците да се вклучат активно во политичкиот живот во Србија.
„Да бидат гласни и да одбираат мудро за својата и за иднината на своите деца. Политичкиот активизам и учество е своевидна обврска за секој човек и за секоја заедница, за да не дозволи друг да ги прави изборите наместо нив.
Да бидеме сами креатори на својата судбина. Ќе повторам, ако Македонците се перцепирани како домаќини и вредни луѓе, логично е да изберат политичари кои наликуваат на нивниот карактер, да изберат домаќини кои градат и кои создаваат“ порача Мицкоски.