После две години, буквално после две години, ветувања и празни муабети денеска конечно може да се види нешто коешто треба да претставува дел од оној сон којшто го имаме како Влада, а тоа е како нашата земја да биде држава домаќин на три раскрсници. А тоа е раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на Владата да стане и реалност, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.
„Ние сме земја којашто за жал не излегува на море и тоа некој може да го смета како недостаток, но ние треба да сме умни и тој недостаток да го направиме во наша предност, бидејќи сме природна крстосница на два многу значајни коридори, Коридорот 8 и Коридорот 10.
Денеска сме овде на едно место коешто претставува дел од Коридорот 8, а во сабота, од тоа што до сега го разгледувавме со одговорните лица од компанијата „Бехтел“, односно конзорциумот „Бехтел и Енка“, ќе го посетиме и другото место каде што се гради, а тоа е делницата помеѓу Прилеп и Битола.
Тоа е она коешто треба да претставува наш приоритет, а од работата изминативе четири месеци како Влада и три месеци како раководство во ЈПДП, можеме да забележиме дека се направено двојно, тројно повеќе работи споредено со две години претходно. И тоа се гледа. И сега веќе ова не е магија, не е илузија, ова е вистина. Ги гледаме работите на терен како се работат.
Овие преговори заедно со раководството на компанијата „Бехтел“ започнаа уште при оние контакти во Вашингтон, кога бев на посета во Вашингтон, на Самитот на НАТО, продолжија тука и гледате еве кога ќе се постигне заеднички, кога ќе има дијалог, кога ќе се разговара, може да се постигне и напредок. Тој напредок сите можеме сега да го видиме и јас сум навистина горд што сме денеска овде и што во периодот којшто следи ќе имаме уште многу пријатни и убави вести за вас, за македонската јавност и македонските граѓани, најави дел и потпретседателот на Владата и министер за транспорт, господинот Александар Николовски.