Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека изјавата на холандскиот амбасадор е потврда на тоа што ВМРО-ДПМНЕ о зборува подолго време наназад, откако СДСМ и ДУИ се на власт.
„Амбасадорот на Холандија го потврди тоа што ние го зборуваме со години наназад, дека не владее правото, дека е партизирано и октроирано судството, се вршат притисоци врз судии, се избираат партиски судии и во судски совет, обвинители се бираат. Сега повторно имаме таков оглас каде набрзина се прават притисоци да се изберат нови судии и обвинители пред одење за да можат на тој начин овие криминалци во владата да бидат заштитени или барем така мислат дека, ако си постават свои судии и обвинители набрзина дека сето она кое идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го започне тие практично ќе го опструираат во процесот на истраги, судски предмети или пак пресуди во конечен случај“, изјави Мицкоски.
Според него, ова е само потврда на се она што се случува во изминатите повеќе од 6 години Влада на СДСМ и ДУИ.
„Ова е само потврда дека тоа што се случува изминативе нешто повеќе од 6 години Влада на СДСМ и ДУИ не само што ја врати години наназад Македонија туку ќе ни треба време за да ја вратиме во нормален колосек државата, а потоа и да ја развиваме онака како што сакавме да ја видиме оваа држава во рани 90-ти кога стануваше независна“, заклучи Мицкоски.