Пратеникот на СДСМ Јован Митрески на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашања до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска поврзано со егзистенцијата на граѓаните, зголемувањето на трошоците за живот, како и зошто не сака да го прифати предлогот за укинување на ДДВ на храна.
„Наместо мерки за реално пониски цени на прехранбените производи, Владата донесе мерки за мачкање очи, тотално неефикасни мерки, чист популизам. Се донесоа две потрошувачки кошнички, есенска и сега новогодишна. Помпезно ги најавивте и двете … со ПР кампањи во маркетите.
Ама цените не се намалија. И двете мерки ги донесовте на ист начин. Прво им оставивте простор на трговците да ги зголемат цените, па потоа мерките стапија во сила.
Се прашувам, дали Вие министерке и вашиот премиер Мицковски, сте свесни дека на овој начин им овозможивте на трговците да се богатат на грбот на граѓаните. Вие си поигрувате со егзистенцијата на граѓаните!“ праша Митрески.
Тој дододаде дека многу е проста проверката на ефектите на терен и многу е јасно за кого биле мерките. За граѓаните, сигурно не.
После првата есенската кошничка, рече Митрески, голем дел од цените не се намалија, некои се намалија минимално, а за некои производи цените дури и се зголемија. И статистиката го регистрираше тоа, раст на инфлацијата во месец ноември од 4,3%, и раст на цените на мало од 4%.
„Впрочем, Вие министерките и самата знаете дека оваа мерка не е ефикасна, тоа и го изјавивте на 1-ви октомври годинава кажавте цитирам: „Никогаш не можам да се согласам со таква мерка“. Но тоа што не се согласувате со мерките на Вашата влада не значи дека ве иззема од одговорност.
Со втората, новогодишната кошничка, направивте нова класична измама за граѓаните. Дозволивте трговците да ги покачат цените па сега наводно да ги намалуваат. Без притоа да има механизам за контрола и казна. Вие класично манипулирате и ги потценувате граѓаните, за да го прикрете вистинскиот проблем за кој оигледно немате решение, а тоа е покачувањето на цените на производите“ рече Митрески.
Тој ја праша министерката Димитриеска-Кочоска дали биле да пазари во продавница или маркет деновиве.
„ Знаете дека повторно имаме иста ситуација како со есенската кошничка. Дел од производите се намалени по денар, или по два, три денара, дел воопшто не се намалени, а цените на некои производи дури и се зголемени.
Еве јас синоќа бев во еден маркет. Цената на зејтинот, од различни компании, за 1 литар се движи од 92 до дури 98 денари. А на први октомври цената била 83 денари. Каква мерка, какво намалување, зголемување има. Мешано сирење 459 денари, иста цена, непроменета.
Кај кравјото сирење, има намалување од замислете само 5 денари и сега се продава по цена од 398 денари за килограм. Јогуртот со 3,2% масленост се покачи цената минатиот месец сега се намали и дојде исто и во овој маркет се продаваше за 69 денари а во некои маркети и над 72 денари се продава. Едно е јасно, дека со овие цени, кошничките на граѓаните за новогодишните празници ќе останат празни!
За ова не ве избраа граѓаните. Не ве избраа за вие да им продавате лажна гордост, а тие со наведнати глави да влегуваат по продавниците и во домовите, затоа што не се во можност да ги обезбедат основните прехранбени производи за своите деца и внуци.
И за овој проблем ви понудивме решение, но и тоа не го прифативте. Не прифативте укинување на ДДВ за прехранбените производи, иако и самите знаете дека со оваа мерка реално ќе се намалат цените и граѓаните тоа ќе го почувствуваат.
Од друга страна, оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците, како што тоа се случи со мерките на Владата. И клучно, со намалување на ДДВ на храната долгорочно им се помага на граѓаните во тек на цела година. Месечно, едно семејство може да заштеди 2.000 денари а годишно тоа се 24 илјади денари.
Ако навистина сакате да им помогнете на граѓаните тоа е решението“ порача Митрески од СДСМ.
Тој ја праша министерката зошто не сака да го прифати предлогот за укинување на ДДВ на храна.