„Извештајот на ЕК за 2023 година е доказ дека лажни се изјавите на власта на СДС и ДУИ дека се фокусирани на европската агенда. Ова е извештај кој е одраз на тажната реалност, одраз на состојбата на стагнација и во одреден дел назадување во која се наоѓа Македонија. Денес нема да ја слушнете власта како зборува за извештајот, нема да го слушнете ниту Ковачевски, Груби, Маричиќ, Османи и останатите да се нарекуваат европски фронт затоа што извештајот ја обелоденува нивната непосветеност кон системско имплементирање на препораките“ рече на денешната прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа напомена дека „во кластер 1, делот на основите, фундаментите на ЕУ се забележани низа забелешки“.
„Не е постигнат напредок во текот на извештајниот период, тоа е од минатата година до денес, за да се адресираат и имплементираат исклучителните препораки од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) и Венецијанската комисија. А, замислете, го имате Османи кој не престана да се моделира како прв и единствен претседавач на ОБСЕ и воедно потроши или ќе потроши 1 милион евра за два дена за рент а кар возила, а притоа е дел од власта која не ги имплементира препораките од ОБСЕ. Класична хипокризија! Понатаму, во делот на Собранието – се нотира недостаток на соодветно планирање, прекумерна употреба на брзи процедури, вклучително и несоодветна употреба на „европското знаменце“. Изрично е наведено дека „Знамето на ЕУ“ треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не за кратка јавна дебата за важни прашања. Во однос на истото, забележано е дека властите треба да се воздржат од усвојување на ад хок мерки кои не се во согласност со правото на ЕУ и европските стандарди. И тука, власта на свое конто ги има безбројните примери, а како последни за потсетување на јавноста се законот за кривична постапка и законот за игри на среќа“ вели Митева.
Наведено е дека само ограничен напредок е постигнат за реформа на јавната администрација, но затоа, според неа, фрапантни се анализите за судството.
„Генерално се вели дека нема напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита на основните права. Внимавајте: Во извештајниот период од минатата година до денес нема напредок во областа на судството. Судскиот совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. Контроверзното разрешување на претседател на Судски совет предизвика загриженост за несоодветно политичко влијание. Усвојувањето пак на новата стратегија за реформи во правосудството доцни. Ова е судството почитувани на СДС и ДУИ кое ќе го отвореа како пупка, ова е судството за кое ветуваа генерален реизбор, а остана најголема рана на општеството и нивна алатка за политиканство, наместо за правда“ рече Митева.
Според Митева, „извештајот на ЕК покажува и потврдува дека власта наместо да работи и да се посвети на реформи, се насочува кон стратешки погрешни цели. И наместо владеење на правото, имаме владеење на самоволието. Наместо силна реформа имаме уназадени институции. Наместо напредок имаме порази. Власта на СДС и ДУИ е разобличена, проблемот зошто Македонија не почнува преговори, не се штетните договори или пак промената на Уставот под нечиј диктат туку затоа што државата не е средена, не е вистински реформирана и затоа што наместо право и правда владее власт заглавена во криминал и корупција!“.