Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева денеска на прес-конференција прикажа писмо за кое вели дека е „доказ за злоупотреба на позицијата вицепремиер и државните ресурси во политичка кампања од страна на СДС. Имено Фатмир Битиќи, коносител во ИЕ 2 на 29 април 2024 година испраќа писмо злоупотребувајќи ја својата позиција како вицепремиер, и неговата обврска да работи за компаниите и бизнис секторот“.
„Битиќи упатува апел и директно вели, цитирам: Го барам вашиот глас, а притоа потенцира дека го водел секторот, кој помогнал со финансиска поддршка од над 100 милиони евра. Потенцира дека за да продолжат овие позитивни политики за поддршка на бизнисот и во иднина, цитира дел од партиската програма за изборите, во која ветува зголемување на на овие средства во износ од 180 милиони евра. Битиќи директно во ова писмо бара лична поддршка гласајќи за СДС и за Коалицијата Европска иднина наведувајќи го и редниот број на гласачкото ливче“ рече Митева.
Таа образложи дека „ова претставува злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353. Имено според овој член е наведено дека службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, ќе прибави за себе или за друг некаква корист, во овој случај тоа е политичка корист преку директно барање на поддршка за број на гласачко ливче под кое се наоѓа коалицијата од која самиот Битиќи е дел“.
„Битиќи извршил злоупотреба на службената положба, затоа што како вицепремиер, кој одлучувал за доделување на помошта за компаниите им се обраќа истите да го дадат гласот за него, поради помошта која им е исплатена од негова страна, како вицепремиер на владата и дека истата ќе се зголеми доколку се добие поддршката. Дали со ваквиот чин, Битиќи создава притисок на компаниите кои добиле државна помош, и заради истата тој бара тие да гласаат за него. Ова е преседан од невидени размери, за што очекуваме не само извинување од Битиќи и СДС, туку и ДКСК да покрене случај против ова“ потенцираше Митева.