Поранешниот министер за здравство Венко Филипче имал своја омилена веледрогерија која што била повластена и во министерството за здравство и кај Малмед, и во Фондот за здравствено осигурување, а доколку собрал храброст да се појави втор пат на комисија ќе му било поставено прашањето дали тој и Заев биле на платен список на веледрогеријата Д-р. Пановски, праша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Во анкетната комисија еден од првите кои што дадоа искази беше поранешниот министер за здравство Венко Филипче кој што во својот исказ кажа тој не бил информиран за исклучениот КАТО систем, дека тој не бил информиран за одредени набавки на реверс од клиниката за онкологија и дека тој не бил информиран и за други пропусти кои што довеле до овој скандал. Но, по продолжувањето на работата на комисијата ние видовме дека сами чинители од Фондот за здравство, поранешни директори на клиниката за Онкологија, па и поранешни директори на Малмед, дадоа искази дека министерот не само што бил информиран туку министерот бил тој што му давал насоки на директорот на Онкологија како да постапи особено во делот на набавка на лекови. Затоа нашиот заклучок кој што може и дополнително да се истражи од обвинителството е дека поранешниот министер Венко Филипче имал своја омилена веледрогерија која што била повластена и во министерството за здравство и кај Малмед, и во Фондот за здравствено осигурување. Сметам дека се работи за една силна фармаколошка империја создавана долго време и мислам дека тука во тој дел почнува и самата големина на скандалот и затоа се случуваат вакви скандали денес и ако не се смени системот може да продолжат да се случуваат и во иднина“, нагласи Милошоски.
Тој кажа дека во иднина ВМРО-ДПМНЕ за да спречи малверзации ќе мора повторно да создаде услови за конкуренција при набавката на лекови и ќе мора надзорот кон клиниките и надзорот кој што треба да се врши кон приватните веледрогерии да биде по чест за да бидеме сигурни дека нема да има злоупотреби.