Дивоградби немало, ред имало. Не знаел зошто се кревала толкава фама за изгорената трска кога таа била многу висока и растела повеќе поради фекалии во езерото. За критиките на францускиот амбасадор, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко вели дека тој е погрешно информиран од новинарите и невладините организации.
Францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, за време на конференција за реформи во јавната администрација минатата недела во Скопје даде обесхрабрувачка изјава за евроатлантските апсирации на Македонија.
-Во Струга градоначалникот се однесува скандалозно, УНЕСКО ќе ви го одземе статусот на Охридско Езеро, имате толку многу корупција, се менуваат директори на училишта на дилетантски начин. Блесаво е да барате датум за преговори во овој период, бидејќи имате безброј проблеми, изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
По оваа изјава на Тимоние, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за ИРЛ изјави дека веднаш го исконтактирал амбасадорот и го поканил на гости со цел на тет-а-тет средба да му објасни дека нема ништо скандалозно во неговото работење. Тимоние ја прифатил поканата и денеска ќе му биде гостин на Мерко.
-Ќе разговараме за сите тие шпекулации кои ги добил од невладини, од новинари. Не велам директно од Вас, но ги има и такви кои на некој начин лошо информираат за состојбите во Струга. Јас мислам дека ќе се убедиме и дека амбасадорот ќе ја каже вистината. За жал, ги читам тие портали, односно и изјави дека во охридскиот дел има над 1.000 дивоградби, само во крајбрежниот дел 409. Јас тврдам дека во Струга нема ниедна. Ајде кажете Вие или најдете една, јас ќе сносам одговорност, изјави Мерко за ИРЛ пред денешната средба со Тимоние.
Оваа недела ИРЛ ќе го објави целото интервју со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.