Во вооружениот напад во Прага каде 24-годишeн студент на Филозофскиот факултет вчера попладне отвори оган од пушка, загинаа најмалку 13 студенти и вработени во факултетот, а меѓу нив нема странци. Напаѓачот се самоубил, објави министерот за внатрешни работи на Чешка Вит Ракушан.
Меѓу 25-те повредени има двајца државјани на Обединетите Арапски Емирати и еден од Холандија, прецизираше денеска чешката полиција.
„Полицијата веќе го знае идентитетот на сите 14 загинати по вчерашното пукање. Има 13 жртви и самиот напаѓач. Меѓу загинатите нема странци“, изјави Ракушан за јавната чешка телевизија.
Повеќето од повредените, од кои десет се здобиле со тешки повреди, се во стабилна состојба, само еден е во критична состојба, соопштија портпаролите на неколку болници во кои се пренесени повредените.
Дејвид К. од селото Хостуњ кај Прага, незабележителен и повлечен, добар студент по историја на Филозофскиот факултет на Универзитетот Карлов во Прага, од пристојно семејство, имал дозвола за носење на околу седум парчиња огнено оружје, меѓу кои и А.Р.-15 пушка во цивилна верзија, која ја употреби во нападот.
Полицијата соопшти дека во зградата на факултетот се пронајдени повеќе парчиња огнено оружје и многу муниција, кои Дејвид К. ги внесол во зградата во поголема торба, што не привлекло внимание, бидејќи многу студенти не се од Прага и понекогаш доаѓаат на предавања со куфери и кеси.
Полицијата објави видео од акцијата во која напаѓачот беше опколен.
Breaking News Suspected Shot Himself Dead
Prague shooting: The gunman was armed with a shotgun and killed himself, authorities said.
Police told reporters the gunman was believed to be on the upper floors of the building when armed officers arrived. The… pic.twitter.com/ViqTjPQu98— Vers-Les-Cieux (@ruta_estrella) December 22, 2023
Пушката со која го изврши нападот, припаѓа на цивилните верзии на борбени пушки, се користи во спортско гаѓање на далечни цели, не автоматски со рафал туку со индивидуални истрели, а оружјето со опрема, според експертите, чини над 6.000 евра.
Автоматската верзија на оваа пушка за цивили е забранета во Чешка, додека за цивилната е потребна посебна дозвола од чешката полиција, која напаѓачот од Филозофскиот факултет ја поседувал, покрај класичната дозвола за носење оружје.
Во Чешка, пушките се реконструирани или произведени од четири компании, а властите ги демантираа лажните вести од руските социјални мрежи кои кружеа во Чешка дека се работи за украинска снајперска пушка А10 и дека убиецот е Украинец.
„Убиецот е Чех“, нагласи министерот Ракушан и апелираше до граѓаните да не шират лажни вести и дезинформации, а до медиумите да не сензационализираат наводни детали за напаѓачот и пукањето.