Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на денешната прес-конференција на која даде отчет за сработеното во првите 100 дена од новата Влада, го одби предлогот на ДУИ и Европскиот фронт да излезат од Владата и да им се придуружат.
„Има демократско правило барем првите 100 дена да се остават како простор на новата влада. Ќе им порачам малку да работат на себе за да бидат атрактивни на политичката сцена. Ние овие 100 дена се занимаваме со нивните погрешни решенија или делумно незавршени решенија“,одговори Меџити.
Истото им го порача и на членовите на СДСМ, да се посветат на внатрешните односи и на реформите кај нив, коментирајќи го повикот на опозицискиот лидер Венко Филипче да се свика затворена собраниска седница за следните чекори за евроинтегративниот процес.
„Мислам дека Владата ја диктира агендата и работи на тоа што има ветено и што е нејзина програма, а еден од главните приоритети се евроинтеграциите. Опозицијата имаше доволно време, осум години беа на власт не покажаа ништо. Ние сме посветени на агендата, а тие треба да се посветат на себе си и на реформата внатре кај нив“,рече вицепремиерот.
Во однос на излегувањето на Мендух Тачи од „Европскиот фронт“ и на прашањето дали имал комуникација со него за приклучување на владејачкото мнозинство, Меџити кратко одговори „не“. Рече дека ќе има поголема дестабилизација на колаицијата „Европски фронт“ и оти ова е само почеток.
„Не се навикнати да бидат опозиција, значи сакаат по секоја цена да бидат власт. Нив ниту идеолошки ниту минатото ги споило. Тие се заедно како ‘Европски фронт’ не заради европски вредности или некоја идеологија, туку единствена нивна цел е да бидат на власт. Моментот кога нема власт нема што да ги спојува, полека но сигурно не се дестабилизира ниту владата или државата, туку се дестабилизира ‘Европскиот фронт’. Ова е само почеток на нивниот крај“,рече Меџити.
Според него, несериозно е и неискрено барањето на ДУИ за ветинг на политичарите.
„Ако ДУИ беше сериозна во желбата да се реализира ветинг на политичарите, тие имаа време тоа да го направат“ порача Меџити.