Еден од највпечатливите виолинисти на неговата генерација, Ара Маликиан, на 18-ти октомври за првпат ќе одржи концерт во Скопје, во „Македонска филхармонија“.
По тој повод, светски познатиот виртуоз на виолина испрати покана до сите негови фанови во Македонија, свирејќи ја македонската песна „Јовано Јованке“ за која самиот вели дека се вљубил во неа и доби бројни комплименти.
Инаку, Ара Маликиан во текот на својата кариера имал концерти во 40 држави во светот, а свој концерт одржал и на стадионот Сантјаго Бернабеу. Има снимено 30 албуми во период од 25 години и настапувал со повеќе од 40 светски познати уметници, меѓу кои Стинг, Лондонскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар од Цирих, Московски виртуози, симфонискиот оркестар на Токио.
Добитник е на безброј награди и признанија, а двапати бил номиниран за најдобра класична изведба на Музичките награди во Шпанија.
-Маликиан сака да се поврзе со својата публика. Знае да каже дека она што денес го прави, не е ниту за телевизиите, ниту пак за менаџерите. Тоа е за публиката, која не бара совршенство, туку да слуша композиција која звучи исто како што звучела пред 300 години. Затоа што публиката сака да биде трогната.
А, македонската публика со сигурност ќе биде трогната на 18-ти октомври, кога на сцената во „Македонска филхармонија“ ќе застане виртуозот на виолина Ара Маликиан, порачаа од организацијата на настанот.
Вики Клинчарова