Францускиот претседател Емануел Макрон ја импресионираше толпата во германскиот парламент на комеморацијата за Волфганг Шојбле во понеделникот, говорејќи главно на германски јазик. Неговиот професор по германски рекол дека на Макрон му требале неколку часа вежбање пред говорот.
Францускиот претседател беше поканет во Бундестагот на комеморацијата на поранешниот германски министер за финансии, Шојбле, кој почина на крајот на декември на 81-годишна возраст. Шојбле, кој често бил во контакт со Емануел Макрон, сакал францускиот лидер да зборува на комеморацијата.
#Schäuble | Sein Wunsch, einen Franzosen im Bundestag sprechen zu lassen, sage viel über das Vertrauen in Frankreich aus, so Emmanuel #Macron, franz. Staatspräsident. Wie Delors habe Schäuble alles für sein Land & Europa getan und gelte als Bindeglied und Vermittler der Staaten. pic.twitter.com/3u1T5vczNT
— phoenix (@phoenix_de) January 22, 2024
Така, Макрон ја искористи можноста да направи нешто што француските претседатели ретко го прават: ѝ се обрати на германската публика на германски јазик. Последен пат тоа го направи Шарл де Гол во Лудвигсбург во 1962 година.
– Германија загуби државник. Европа го загуби својот столб. Франција изгуби пријател – рече Макрон за време на својот 15-минутен говор, што видно ја трогна вдовицата на Шојбле, Ингеборг, која слушаше со солзи во очите.
Макрон, кој претходно зборуваше само неколку зборови на германски во јавноста, навистина го прочита текстот, а неговиот изговор беше доста добар. „Претседателот вежбаше само кратко“, рече Франк Гронингер, наставник по германски јазик и култура во француското Министерство за надворешни работи, кој го подучуваше Макрон.
– Вежбавме околу час и половина еден ден претходно, а потоа повторно околу еден час пред летот за Берлин. Потоа повторно поминавме низ некои детали од говорот во авионот – изјави Гронингер.
Тој додаде дека Макрон има „некое претходно познавање“ на германскиот јазик, бидејќи го учел на училиште и на универзитет.
– Целта беше да се изненадат луѓето. Можеби сте забележале дека има емотивен и технички дел од говорот. А идејата беше емотивниот дел да биде на германски и да се покаже дека претседателот навистина се труди – рече Гронингер.