Македонскиот филм „Медена земја“ победи во конкуренција за документарци од целиот свет на американскиот фестивал „Санденс“. Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а на премиерата на „Санденс“ присуствуваа и продуцентот и монтажер на филмот, Атанас Георгиев и снимателите Фејми Даут и Самир Љума.
При примањето на Главната награда од жирито на затворањето на фестивалот изутринава во Парк Сити, Јута, продуцентот и порача на Владата во Македонија да го реши проблемот со аерозагадувањето.
-Нашата мала земја е многу загадена. Сакаме да испратиме порака до македонските граѓани и до Владата: Ве молиме исчистите го воздухот во нашата земја, најзагадената земја во светот, ве молам сторете го тоа – повика тој.
Во категоријата во која е „Медена земја“ имаше уште 11 други документарни филмови од целиот свет. Филмот ја доби големата награда на жирито за најдобар документарен филм, а на снимателите им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија.
Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена. Премиерата на Медена земја беше на 28 јануари на фестивалот кој се одржува во Јута, САД, а беше проследена со долги аплаузи, овации и позитивни критики.
„Медена земја“ („Honeyland“) раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.