(Видео) М-р Наташа Јаневска во „Бизнис-клуб“:„Младите може да успеат во Македонија и да бидат препознатливи на меѓународно ниво“

by Fokus

Во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ на Стопанската комора на Северна Македонија, гостинка кај претседателот Бранко Азески беше м-р Наташа Јаневска, проектен менаџер во Комората со долгогодишно искуство во областа на стручното образование и квалификацискиот систем. Таа се осврна на еден од најголемите предизвици што ја зафаќа македонската економија – одливот на младите.

Азески најави дека следниот проект на Комората ќе се фокусира на решавање на проблемот со одлив на мозоци, не само со спречување на нивното заминување, туку и со создавање услови за враќање назад во Македонија.

- Advertisements -

Јаневска нагласи дека за да се спречи одливот на кадар, неопходно е да се креираат нови работни места, да се обезбедат одредени даночни олеснувања за младите претприемачи и да се понудат грантови за стартапи. Многу млади имаат потенцијал и креативност, но им е потребна конкретна поддршка за да можат да отворат бизниси и да придонесат во економскиот раст.

„Пораката до младите е јасна – можат да бидат успешни и во Македонија, а притоа да бидат препознатливи и на меѓународно ниво. Затоа, активно работиме на тоа да ги поттикнеме учениците од основните училишта да се запишуваат во стручни училишта и да се поврзат со успешни менаџери кои токму тука изградиле кариера. Кога одиме и кога ги поттикнуваме младите да се запишуваат во стручни училишта, со нас доаѓа и менаџер кој завршил овде, кој е успешен, но и препознатлив во странство“, истакна Јаневска.

Во емисијата Јаневска потенцираше дека државата губи од три аспекти кога заминуваат младите: економски, демографски и социјален. Недостигот на работна сила ги намалува продуктивноста и ефикасноста, населението старее, а јавните финансии сè повеќе се насочуваат кон социјални трошоци наместо кон инвестиции во иднината. Единствен начин да се запре оваа тенденција е преку создавање подобри услови за работа и за живот, како и преку реформирање на јавната администрација за да стане подостапна и поефикасна.

Дополнително, Јаневска зборуваше и за напорите на Стопанската комора за унапредување на образованието и на квалитетот на практичната обука во земјава. Со зголемувањето на бројот на часовите за учење преку работа денес дуалните ученици поминуваат од 6 до 10 часа неделно во компаниите, што значително ги подобрува нивното искуство и подготвеноста за пазарот на трудот.

Во иднина еден од главните приоритети на Комората ќе биде признавањето на двегодишното стручно образование како задолжително образование, што ќе им овозможи на учениците по завршувањето втора година да добијат диплома и да изберат дали директно ќе се вработат или ќе продолжат со образованието.

„Имавме сериозен проблем со Законот за стручно образование. Учениците кои завршуваа двегодишно стручно образование не можеа да влезат на пазарот на трудот бидејќи тоа не се сметаше за завршено средно образование. Сега, со новите законски измени, работиме на тоа овие ученици веднаш да добијат квалификација и можност за вработување, но и проодност за продолжување на образованието“, потенцираше Јаневска.

Поврзани новости