Видео лотарија на Македонија „вложи“ 100.000 евра за развој на македонската кошарка!

by Fokus

Челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) денеска официјално ја потврдија соработката со Видео лотарија на Македонија (ВЛМ), преку која целосно го „наплатија“ ваучерот добиен од Агенцијата за млади и спорт (АМС) во износ од 5.535.000 денари, а згора на тоа добија и спонзорство во износ од 10.000 евра.

На денешната прес-конференција, на која присуствуваа претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, генералниот секретар Владимир Георгиевски и директорот за маркетинг во ВЛМ, Виолета Чадиковска, беше потенцирано задоволството од двете страни за постигнатиот договор.

„Вкупно ќе инкасираме 6.150.000 денари , поради што, секако, е големо задоволство да се има партнер како ВЛМ. Компанијата прва застана позади македонската кошарка со навистина добра сума за македонски услови, која ќе биде поделена на сите национални селекции, најмногу на сениорскиот тим“, изјави Антиќ.

Со договорот со КФСМ, ВЛМ само продолжи да биде поддржувач на македонскиот спорт, со оглед што соработуваше и со автомобилистот Игор Стефановски – Иџе.

„Ние не сме нови во помагање на спортот. Бевме дел од спонзорскиот тим на Иџе, се радуваме на неговите успеси. Се надедеваме дека заеднички радости ќе имаме и со кошарката и КФСМ. Чест ни е со КФСМ ни се обрати и што најдовме заеднички јазик за соработка“, изјави маркетинг-директорката Чадиковска.

Поврзани новости