Пратениците од Левица поднесоа предлог во Собарнието за измена на Законот за работи односи, со цел, исплата на платите до петти во месецот, наместо до петнаести – како што е сега, изјави пратеникот и портпарол на партијата, Амар Мециновиќ.
„Предлог-законот доаѓа како резултат на реалната економска состојба на работниците во Македонија и има за цел да обезбеди навремена и правична исплата на платите. Да обезбеди финансиска сигурност на работниците, бидејќи во многу домаќинства платата е единствениот доход на семејствата, а моменталната пракса на исплата на платите до петнаести во месецот, предизвикува финансиска нестабилност и задоцнети плаќања на режиските трошоци“, изјави Мециновиќ.
Тој нагласи дека поради доцнењето на платата, многу работници се принудени да земаат брзи кредити, дозволени минуси, позајмици со високи камати и ова, дополнително ја влошува нивната финансиска состојба.
„Понатаму, оваа измена е и со цел на намалување на економската нееднаквост – има работници коишто платата ја добиваат на почетокот на месецот, додека мноштвото ги добива платите дури на петнаести. Оваа измена е согласно европските стандарди – во многу држави, платите се исплаќаат веќе до крајот на тековниот месец и максимално до првите денови на наредниот месец“ порача Мециновиќ.