„Владата на СДС и ДУИ исплаќала пари за проекти за кои немала целосна евиденција дали средствата се потрошени за намената за која и се префрлени. ДЗР во својот извештај за 2021 година нотира дека Владата на СДС и ДУИ за потпроектите кои се дел на Проектот за локална и регионална конкурентност, исплатата кон добавувачите ја врши од буџетот на Владата, при што Владата нема целосни информации за искористеноста на средствата за намената за која е планирана програмата како и податоци дали градежните објекти и опремата се целосно евидентирани како државен имот кај крајните корисници“ рече денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Тој посочи дека „Владата на СДС и ДУИ префрлале милиони, а не знаела дали и како се потрошени средствата. Ова не е констатација на ВМРО-ДПМНЕ, ова го утврдил Државниот ревизор“.
„Неодговорното трошење на народни пари имало пандемиски размери. Власта на СДС и ДУИ очигледно е дека не водела сметка како и каде завршуваат парите додека завршуваат кај фирми блиски ним. Власта на СДС и ДУИ со милионите за кои не знаат каде завршиле можеле да направат десетина градинки или да набават стотина амбулантни или возила за гаснење пожар“ порача тој.