И во 2008 година, кршејќи ја резолуцијата 12 44 на Советот за безбедност на ОН и принципот на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, на Србија ѝ беше одземено Косово без никаков референдум, рече рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров пред министрите на самитот на ОБСЕ во Скопје.
Според него, западните земји го користат ОБСЕ за интересите на НАТО.
„Проширувањето на НАТО на исток е еден од факторите кои ја поткопуваат безбедноста во Европа“, посочи Лавров и наведе дека минатата година прашањето упатено до САД – како го коментираат тоа што не смеат да го зајакнат своето на трошок за безбедноста на другите – остана без одговор.
Тој изјави и дека Западот со воведувањето санкции кон Русија сака да ја уништи руската економија и дека ЕУ во овој поглед ја послуша Америка.
„САД и нивните европски сателити воведоа илјадници санкции кон Русија, ставајќи крај на широката практична соработка меѓу Истокот и Западот во нашиот некогаш заеднички регион“, рече Лавров.
Тој изјави дека целта на Киев е да искорени се што е руско, дека во Украина се негира постоењето на Русите и нивната клучна улога во создавањето на Украина. „Таму луѓето се лишени од контакт со руската култура, јазик, книги и медиуми, а ОБСЕ молчи за тоа“, рече Лавров.
„Молчеше, а се уште молчи и Брисел, кој не посочува дека е неопходно да се почитуваат правата на сите национални малцинства, како што е наведено во бројни документи.
Тие што треба да ја обезбедат слободата на медиумите молчат кога ги прашуваме зошто се затвораат сите медиуми кои пишуваат што не се согласува со идеологијата на Западот“, рече Лавров.