Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, во своето обраќање преку видео врска на отворањето на Амбасадата на Руската Федерација во Босна и Херцеговина, зборуваше на српски јазик.
Лавров на српски јазик го поздрави и пречека претседателот на Република Српска, Милорад Додик и другите гости на свеченото отворање на Канцеларијата, честитајќи им на „колегите и пријателите во Република Српска за овој важен настан“.
„На тоа работиме неколку години. Направена е обемна работа, чии резултати се видливи денес. Моментот е навистина историски, бидејќи не секој ден се отвора нова дипломатска мисија на Руската Федерација во светот. Многу ни е мило што тоа се случува во пријателската Република Српска“, изјави шефот на руската дипломатија.
Тој ја изрази својата благодарност до сите кои учествуваа во „заживувањето на овој трудоинтензивен проект, а пред сè, до раководството на Република Српска и лично до претседателот Милорад Додик, кој од самиот почеток посвети значително внимание на сите прашања поврзани со оваа иницијатива, обезбедувајќи сеопфатна помош за нивно брзо решавање“.
„Искрено сме му благодарни на бискупот од Бања Лука, Неговото Високопреосвештенство Јефрем, што обезбеди ваква прекрасна зграда за сместување на руската дипломатска мисија. Убедени сме дека посебната историска духовна атмосфера што владее ќе ги инспирира нашите колеги креативно да го решат проблемите со кои се соочуваат“, рече Лавров и додаде дека има многу задачи.
Според неговите зборови, врските на Русија со Република Српска денес доживуваат невиден пораст, контактите на највисоко ниво се редовни, а се одржува близок и доверлив политички дијалог.