(Видео) Лансирањето на ракета на Безос откажано во последен момент

by Fokus

Лансирањето на ракетата „Њу Глен“ од компанијата „Блу Ориџин“ на американскиот милијардер Џеф Безос беше откажано во последен момент поради технички проблеми. Висока околу триесет ката и дизајнирана за повеќекратна употреба, ракетата „Њу Глен“ требаше да биде лансирана рано утринава од Кејп Канаверал, Флорида.

Ракетата го ресетираше своето одбројување повеќе пати, надминувајќи ја временската рамка за лансирање поставена за 4 часот наутро по локално време. Портпаролката на компанијата рече дека тимот на компанијата истражува „неколку аномалии“.

„Го откажуваме денешниот обид за лансирање да го решиме проблемот со потсистемот на вселенското летало што ќе предизвика да го надминеме рокот за лансирање“, се вели во соопштението на „Блу Ориџин“.

„Ги истражуваме опциите за нашиот следен обид за лансирање“, се додава во соопштението. Лансирањето би можело да биде одложено за најмалку 24 часа, но најверојатно ќе потрае подолго бидејќи се работи за мисија со висок ризик.

Blue Origin е компанија основана од основачот на „Амазон“, Џеф Безос, во исто време кога Илон Маск, сопственик на „Тесла“, а подоцна и на платформата Икс, ја основа својата компанија „Спејс Икс“. Но, компанијата на Маск оттогаш лансираше повеќе од 400 ракети во орбитата, додека онаа на Безос не лансираше ниту една, пишува Би-би-си. Безос се повлече од функцијата извршен директор на „Амазон“ во 2021 година за да се фокусира на „Блу Ориџин“.

Поврзани новости