(Видео) Кузеска: Политиките со „кошнички“ се покажаа како целосно промашени

by Fokus

Стандардот на граѓаните се влошува од ден на ден како последица од погрешните економски политики на власта предводена од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Таканаречените „кошнички“ се покажаа како целосно промашување. Наместо да го олеснат животот на граѓаните, тие предизвикаа уште поголема скапотија и го срушија стандардот на граѓаните, реагираат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека цените на основните производи наместо да се намалат, тие се зголемија.

„Зејтинот, јајцата, шеќерот, млечните производи, грашокот, гравот и леќата, се е поскапено. Оваа сурова реалност граѓаните ја гледаат во маркетите и продавниците и ја живеат секој ден борејќи се со обезбедување на основните потреби за своите семејствата.

Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4%, а цените на основните производи пораснале за 4,3%. Се зголеми и инфлацијата, во декември 2024 година е за 4,4 проценти повисока“ изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Овие податоци, како што рече, јасно укажуваат дека политиките на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и погрешни.

„СДСМ како одговорна партија предложи конкретни мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните: зголемување на минималната плата, укинување на ДДВ за основните производи за реално намалување на цените и покачување на платите во повеќе сектори. Сите овие предлози беа одбиени од страна на ВМРО-ДПМНЕ со невидена тврдоглавост и арогантност.

Политиките на Мицкоски се насочени кон заштита на интересите на големите трговци и бизнис-елитата, додека обичните граѓани плаќаат висока цена. Големите трговци се збогатија, а десетици милиони евра се извлечени од џебовите на граѓаните со амин на оваа влада.

Оваа политика ја потврдува неговата поданичка позиција кон бизнис интересите и ја зголемува економската несигурност на семејствата. На прашањето дали се работи за неспособност или за отплаќање на долгови кон бизнисот, граѓаните веќе го знаат одговорот“ додаде Кузеска.

Од опозициската партија порачуваат дека ваквата политика мора да престане за да се врати економскиот баланс и да се спаси стандардот на граѓаните кој се намалува од ден на ден со оваа влада.

Поврзани новости