(Видео) Кузеска: Пецаков доделил пари на клуб во којшто е основач, нов скандал со градоначалниците на ДПМНЕ

by Fokus

На повидок е нов скандал во општините под капата на ДПМНЕ, објави портпролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

„Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, доделил пари на ракометен клуб во кој самиот тој е основач. Над 250 илјади евра се исплатени на ГРК Охрид од општина Охрид како директна поддршка.

Овие суми ги потврдува и Службениот гласник на општина Охрид број 14 од 28.12.2023 година. Сопственик на ГРК Охрид АД Охрид е РК Охрид 2013 каде основач на ракометниот клуб е токму градоначалникот Кирил Пецаков.

Значи Пецаков преку општината индиректно си префрла пари на самиот себе си!?

Директор на ГРК Охрид е Славчо Ристески, десна рака на градоначалникот Пецаков, воедно вработен во ЈП Охридски комуналец. Дали е ова случај на судир на интереси треба да утврди Државната комисија за спречување корупција“ изјави Кузеска.

Таа додаде дека надлежно обинителство пак треба да утврди дали е прекршен кривичниот законик, бидејќи, како што рече, градоначалникот доделил средства на клуб којшто е токму тој основач.

„Сите аспекти треба да се утврдат затоа што постои основано сомневање дека на ваков начин може да се испумпуваат пари на граѓаните и потоа да се злоупотребуваат. Нема општина во државата која е водена од ДПМНЕ а за која нема скандал поврзан со финансиите, јавните набавки и парите на граѓаните. Ништо не е сменето во ДПМНЕ“ порача Кузеска.

Поврзани новости