„Под притисок на СДСМ, Панче Тошковски ги потврди сите објавени информации за скандалот со свадбената поворка на Африм Гаши и пропустите на граничниот премин Блаце. Вчера, СДСМ им даде рок од 24 часа на Тошковски и МВР да бидат чесни и да објават како дошло до овој скандал и кој е вистински одговорен за тоа. Наместо Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат, кога веќе секако се фатени во скандалот и мораа да го признаат, тие се обидуваат одговорност да му ја натоварат на раководителот на смена на граничниот премин Блаце. Овој човек не е тој кој дал наредба да бидат пропуштени Гаши и сватовите без контрола“ рече денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа рече „според нашите информации, наредбата ја издал новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, Наим Рамука. Согласно информациите кои ги добивме, еден час пред да поминат Гаши и сватовите, Наим Рамука заради наводна контрола, дошол на граничниот премин. Во суштина Рамука дошол за да го обезбеди поминувањето без контрола на Гаши сватовите“.
„Наим Рамука е човекот кој одобрил ваков излез од државата, а потоа и влез при враќање на поворката. Не човекот кој го обивнува Тошковски, раководителот на смена на Блаце, туку Рамука кој токму Тошковски го поставил за Началник на Центарот за гранични работи Север. Прашуваме, зошто Тошковски сака да го заштити Наим Рамука и го „мести“ раководителот на смена? Дали Тошковски повторно ќе се обиде да излаже и да го заштити својот нов началник на сметка на чесни луѓе кои си ја работат работата? До кога ќе траат лагите на МВР и ВМРО-ДПМНЕ? Ќе си поднесе ли конечно Тошковски оставка?“ вели Кузеска.
Според неа, „безбедноста на границите ни е нарушена а граничната контрола целосно суспендирана и ставена под партиска команда на ВЛЕН и ДПМНЕ. Ова е недозволиво и опасно за државата членка на НАТО. Време е за одговорност, онаму каде што вистински е лоцирана, почнувајќи од министерот Тошковски па се до крај“.