Детекција на коронавирусот кај патници кои слетуваат на аеродромот во Хелсинки сега прават и четири дресирани кучиња.
Тие се од различни раси, а од средата почнаа „со работа“. Обуката ја поминаа преку Здружението за откривање мириси од Финска. Четиримесечното истражување на алтернативни методи за тестирање на ковид-19 е проект финансиран од финската влада.
Финска се одлучи на такво тестирање откако во студија на Ветеринарниот факултет на Универзитетот во Хелсинки навести дека дресирани кучиња можат да го откријат новиот коронавирус со сто проценти сигурност.
Патниците што се согласија бесплатно да се тестираат на аеродромот во Хелсинки не мораа да имаат директен физички контакт со кучето. Тие требаа само да се избришат со шамивче и да го стават во тегла, а потоа кучето го мириса во одвоена кабина.
Финска е втора земја во светот која обучи кучиња за детектирање ковид-19. Такво тестирање летово беше спроведено во во главниот град на Обединетите Арапски Емирати.