„Постојат сериозни сомнежи дека парите од грантот од 620.000 евра кои го имаат добиено сопругите на директорот на АР Еролд Муслиу и на вицепремиерот во Владата Битиќи се злоупотребувани. Денеска ќе поставиме неколку прашања за кои очекуваме реакција од институциите“ рече на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
„Дали Конзорциумот во кој главна е сопругата на директорот на АР, има поднесено извештај до Владата како се потрошени средствата од грантот добиен со сериозни индиции за трговија со влијание?
Дали е вистина дека до ден денешен до Владата не е поднесен никаков извештај за начинот како се потрошени средствата, како и за ефектот од проектните активности на овие НВО кои побарале и добиле можност да работат на безбедносни проекти?
Дали е вистина дека дел од средствата од грантот наместо за основната намена се потрошени на високи плати, хонорари, крстарења со бродови, престојувања во ресорти и патувања во странство?
Дали е вистина дека со овие средства се покривани ноќевања на лица кои во никој случај не смееле да бидат дел од тимовите кои работат со безбедносно сензитивни информации?“ праша Ковачки.
Тој побара премиерот Ковачевски и претседателот Пендаровски „да излезат во јавност и да кажат што знаат за горенаведеното, а не да се кријат и да молчат“.