Сега е моментот да се направи јасен исчекор на пристапниот пат и да се овозможи успешно интегрирање на Македонија во Европската унија, заклучиле претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска на средба во Братислава на која било разговарано за процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на Македонија во Унијата.
Макрон ја поздравил одлучноста на Владата да работи на реализирање на европската агенда и потенцира дека на тој пат ќе продолжи да има силна и гласна поддршка на Франција.
Соговорниците, исто така, изразиле согласност дека не смее да има одложување на процесот на евроинтеграции, и затоа, и овој пат нема да отсуствува поддршката од Франција и меѓународната заедница во натамошните етапи и предизвици на патот кон членство во ЕУ.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска учествува на Глобалниот безбедносен форум на Глобсек 2023, кој се одржува во Братислава. Во рамки на агендата, Ковачевски денеска имаше билатерална средба и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.