(Видео) Ковачевски: СДСМ ја враќа Универзална сала на Скопје и Скопјани

by Fokus

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски денеска ја посети Универзалната сала, каде што се разговараше за процесот кој беше почнат пред неколку месеци кога Министерството за култура со Договор ги презема правата за реконструкција и адаптација на салата од Град Скопје.

„Конечно, го враќаме симболот на модерено Скопје, на солидарно Скопје. Генерации скопјани израснале со настаните во Универзалната сала и уште генерации и генерации ќе уживаат во годините кои доаѓаат во настаните кои тука ќе се организираат.

Реконструкцијата ќе се одвива во две фази и се очекува да биде завршена до 2026 година кога објектот треба да е подготвен за настани и да ги прими своите први посетители. Според договорот, Министерство за култура откако ќе ја финализира градбата, ќе го предаде објектот на Град Скопје со целокупната пропратна документација во однос на изведувањето. Потоа сите права и обврски кои произлегуваат од сопственоста на салата ќе бидат предадени исто така на Градот Скопје.

Со години во периодот на ВМРО-ДПМНЕ, Универзалната сала беше оставена на забот на времето, практично беше уништена и од внатре и од надвор. Градоначалникот на Скопје од редовите на СДСМ, Петре Шилегов во неговиот мандат ја започна реконструкцијата, за потоа со промена на локалната власт и доаѓањето на власт на ВМРО – ДПМНЕ и нивниот градоначалник, предлог за градоначалник г-ѓа Арсовска, повторно беше оставена на заборавот и нејзината реконструкција беше прекината. Цела година работите стоеја во место на што сите можеа да бидат сведоци овде“ рече Ковачевски.

Тој нагласи дека во неговиот мандат, Владата предводена од СДСМ, донела одлука за одземање на ингеренциите над Универзална од Градот Скопје и истите ги префрли на Министерството за култура, со што министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска имаше веќе овластување да го потпише договорот со Градот Скопје за продолжување на реконструкцијата на Универзална сала.

„И министерката и службите во министерството во рекорден рок ги завршија сите процедури, и еве сме денес тука, на чекор од овој долгогодишен сон на Скопјани. Исто така, сакам да изразам благодарност и до министерката се разбира и до нејзините колеги, за вложениот труд кој го направија во текот на изминатата година со цел овој процес на реконструкција да може повторно да отпочне, односно да продолжи.

Мојата девиза ја знаете и ја имате слушнато повеќе пати – со напорна работа, нема недостижна цел! Кога се сака, кога се има цел, кога се има план, особено кога се работи за потребите на граѓаните, сѐ е изводливо. Така и за оваа сала, СДСМ покажа слух за исполнување на желбата на граѓаните на Скопје да можат повторно да уживаат во музичките и културните настани во Универзалната сала“ истакна Ковачевски.

Овој објект, како што рече, не е значаен само за Скопје, бидејќи тука се одвиваат и национални настани на кои учествуваат и ги посетуваат граѓани од цела држава.

„За разлика од ВМРО ДПМНЕ кои имаа и се уште имаат други приоритети. Поважни им беа спомениците, лавовите, жалните врби во Вардар. Тоа им беа приоритетите. И до ден денеска ништо се нема променето. Ако протестираа против бетонизација, сега во општините кои ги водат се случува најголемата бетонизација во историјата на Скопје“ порача претседателот на СДСМ.

Поврзани новости