(Видео) Ковачевски: СДСМ е партија која не се откажува кога е најтешко, не потклекнува кога се очекуваат тешки одлуки

by Fokus

На вечерашниот митинг во Радовиш, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, им порача на присутните дека она што нив ги прави вредни како луѓе се единството и солидарноста, но и праведноста и подадената рака.

,,СДСМ покажува и докажува дека е најсилната партија во Македонија. Партија која не се откажува кога е најтешко. Партија која не потклекнува кога се очекуваат тешки одлуки. СДСМ, на чело со Киро Глигоров, ја внесе Македонија во Обединетите нации. Со СДСМ, Македонија во 2005 година го доби статусот земја – кандидат за членство во ЕУ. СДСМ, заедно со вас граѓаните го сруши режимот на Груевски, кој го блокираше патот на Македонија кон демократско и интегреирано евро-атланско општество. Со СДСМ, Македонија стана рамноправна членка на НАТО. СДСМ заедно со граѓаните Македонија ги отпочна преговорите со ЕУ. И затоа кога СДСМ ќе каже нема откажување, тогаш навистина нема откажување по било која цена“, посочува Ковачевски.

Тој додава дека е целосно свесен за пропустите што како влада ги правеле во изминатите години, но и тоа дека казната стигна на 24-ти април и ти ја прифатиле достоинствено и без негодување.

„Но, апелирам и повикувам, секој од вас, убаво да размисли како ќе гласа на 8-ми мај. На овие избори не одлучуваме само кој ќе ја води државата, туку одлучуваме и каде ќе оди нашата држава. Дали ќе продолжи цврсто да гази по европскиот пат или сите заедно повторно ќе станеме заложници на на авторитарната држава водена од белата криминална палата“, им порача Ковачевски на насобраните граѓани во Радовиш.

Ковачевски вели дека судејќи по изјавите на Мицкоски и на Силјановска, тие немаат никаква намера да ја водат државата кон Европската Унија туку напротив, ќе нѐ изолираат, затворат и ќе нѐ скараат и со соседите и со меѓународната заедница, враќајки нѐ најмалку 10 години во минатото.

„Затоа, почитувани граѓанки и граѓани, размислете каква држава сакате да градиме за вашите деца и вашите внуци. Дали сакате тие да живеат во лоша реприза од тоталитарното владеење на Груевски и неговата криминална екипа? Или сите заедно ќе изградиме слободна, просперитетна и европска иднина“, заклучува Ковачевски, додавајќи дека на 8-ми мај, изборот е токму во рацете на граѓаните и само тие одлучуваат во каква Македонија сакаат да живеат.

Поврзани новости