Учеството на третиот Самит на Европската политичка заедница кој се одржа денес, во Гранада беше одлична можност за значајни дебати и дискусии за актуелни прашања поврзани со евроинтеграцискиот процес, потоа со безбедносните предизвици, дигитализацијата, напредокот на Европа во насока на градење на транспарентни општества и тоа во време на силни геополитички превирања на европскиот континент, истакна премиерот Ковачевски од Гренада, каде се одржува третиот Самит на Европската политичка заедница.
„Многу е важно што овој самит на Европската политичка заедница се случува ден пред неформалниот Совет на ЕУ, на кој присуствуваат лидерите на сите земји членки на ЕУ, кои денес беа присутни заедно со сите други земји од Европа и на состанокот кој се одржува утре, исто во Гранада на кој лидерите од ЕУ ќе започнат дискусии за приоритетите на Унијата во следните години, односно ќе дискутираат со цел да ја подготват стратешката агенда на ЕУ за годините кои следат.
По нашите дискусии денес, тие утре ќе разговараат за проширувањето како стратешка определба на ЕУ, како и за внатрешната реформа во насока на тоа проширување, односно за реформа која ќе овозможи Унијата да фунцкионира со нови земји членки кои ќе пристапат во периодот пред нас до 2030 година“ рече Ковачевски.
Како клучни пораки кои тој ги наведе од состаноците што ги имаше, како и од билатералните средби е дека Европа успеа да покаже дека само со заедничка работа можат да се остварат и визијата за мир, стабилност, обединетост и просперитет на европскиот континент без разлика дали земјите се членки на ЕУ или се земји кандидати за членство во ЕУ кои наскоро ќе станат земји членки.
„ И секако дека проширувањето останува високо на агендата на ЕУ за што утре ќе има и конкретен состанок на лидерите на ЕУ на неформалниот состанок на Европскиот Совет“ заклучи премиерот Ковачевски.