Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски од Брисел истакна дека прогресивната политика на Владата на СДСМ ја извади Македонија од мрачното сценарио на национализам, назадување и изолација на земјата.
„Сега земјата е исправена пред нов предизвик, двоен изборен процес на кој ќе се избира претседател на државата и идна влада, која мора да биде европска и прогресивна. Ако европската агенда не надвладее, мрачното сценарио ќе ги врати земјата и регионот во неизвесни води, во изолација. Северна Македонија тоа еднаш го помина и тоа не смее да се повтори“ рече Ковачевски.
Тој посочи дека Владата изминативе неколку години, со конструктивен дијалог и демократски политики ги реши споровите и земјата стана членка на НАТО. Напредокот на Македонија не беше само на меѓународен план, Владата ја зголеми минималната плата и социјалниот пакет, а ја намали и невработеноста.
Ковачевски упати порака дека ЕУ не треба да се откаже од својот успешен надворешно-политички инструмент насочен кон мир и промовирање реформи. Според него, интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ ќе биде гарант и за стабилноста на Западен Балкан.
„Кога ЕУ нѐ поддржува, ние победуваме. Кога ние победуваме, Европа победува”, истакна Ковачевски.