Ископувале минерални суровини надвор од дозволата за експлоатација. На грбот на државата се богателе концесионерите. Државниот ревизор излезе со извештај за ефикасноста на постапките за доделување на право за експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори.
Во извештајот стои дека со тоа што концесионерите вршеле ископ на минерални суровини надвор од дозволата за експлоатација остава ризик тие да не го пресметуваат и плаќаат надоместокот за експлоатираните количини.
Ревизорот констатирал и дека за период од четири години од 2018 до 2022, државата заработила само 1, 7 милиони евра или 1 процент од продажба на најквалитетниот мермер и ова е незначително во однос на она што го заработил концесионерот.
Исто така, констатирано е и дека со активностите на надлежните институции не се обезбедува целосна сигурност за оптимално користење на минералните суровини, навремена наплата на концесискиот надомест ефикасен надзор при склучување на договори, а висината на надоместокот за користење на просторот е на многу ниско ниво.
Со извршената ревизија ревизорите утврдиле:
На национално ниво не е донесена долгорочна стратегија за оптимално искористување и управување со минералните суровини повеќе од 11 години, а активностите за нејзино изготвување се започнати во 2022 година, со рок на донесување до април 2024 година.
Законската регулатива која ја третира предметната област е изложена на чести измени и дополнувања, а одредени одредби не се доволно јасни и прецизни што создава несигурност при нивна примена.
Базите на податоци на Министерството за економија и катастарот на минерални суровини што го води Геолошки завод не обезбедуваат јасен и целосен преглед на состојбите со минералните суровини врз основа на кој ќе се вршат анализи со цел водење активна политика во однос на оптималното искористување на минералните суровини.
Слабости во постапката при доделувањето на концесиите за експлоатација на минералните суровини од аспект на: не пропишани услови за докажување на техничка способност на понудувачите, поништување на постапката од страна на концедентот, избор на новоформирани концесионери кои не доставиле доказ за докажување на нивната економско финансиска состојба, како и непрецизно уредени договорни обврски со концесионерите кои не обезбедуваат правна заштита на концедентот во случај на нивно непочитување.
Системот на плаќање на концесиските надоместоци се спроведува без да биде уреден начинот на меѓусебна комуникација и размена на податоците помеѓу надлежните институции и без јасно дефинирање на меѓусебните односи и надлежности, што создава слабости во непречено и целосно следење на плаќањето и преземање на навремени мерки и активности за наплата на ненаплатените надоместоци од страна на концесионерите.
Висината на надоместоците за користење на простор кои се определени во државата е утврдена на ниско ниво, а воспоставениот начин на пресметка на надоместоците за експлоатирани количини не ги одразува реалните пазарни/продажни цени кои ги остваруваат концесионерите и истиот не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите.
Остварените надоместоци во корист на државата од експлоатација на најквалитетниот мермер во износ од 103.248 илјади денари или 1,7 милиони евра за период од 2018 – 2022 година претставуваат 1% од остварените приходи од продажба на концесионерот.
За периодот 2018 – 2022 година, констатирани се помалку наплатени концесиски надоместоци во вкупен износ од 21.050 илјади денари односно 341 илјади евра од кои: 9.804 илјади денари по основ на простор, 5.421 илјади денари по основ на експлоатирана минерална суровина и во износ од 5.825 илјади денари по основ на пресметана, а ненаплатена камата и ненаплатен надоместок по записници од УЈП.
За истиот период, ненавремено, односно по истекување на законски утврдениот рок наплатени се вкупно 1.174.809 илјади денари односно 19 милиони евра по основ на концесиски надоместок за простор и експлоатирана количина на минерални суровини. Во периодот на известување од ревизијата од вкупниот износ уплатени се 8.392 илјади денари за концесиски надоместоци и камата, а по основ на дадените препораки од претходната ревизија наплатена е камата во вкупен износ од 6.136 илјади денари која се однесува за периодот 2016-2022 година, што претставува додадена вредност во остварување на буџетски приходи.
Вршење на експлоатација на минералните суровини се стекнува (концесионер) со добивање на концесија која ја доделува Владата (концедент) согласно утврдени постапки. За експлоатација на минерални суровини заклучно со 2022 година се доделени вкупно 348 концесии на 257 концесионери, на вкупна површина од 333,73 км2, што претставува 1,3% од вкупната територија на државата, од кои за експлoатација на мермер се доделени 29 концесии.
Концесионерот кој што врши експлоатација на минерални суровини е должен да плаќа: годишен надоместок за користење на просторот и надоместок за експлоатирана (продадена) количина на минерална суровина, предмет на концесијата. Средствата се уплатуваат на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка и се 22% приход на Буџетот на Република Северна Македонија и 78% приход на буџетот на општината на чие подрачје се врши концесиската дејност.
За вршење на експлоатација на минерални суровини за периодот 2018 – 2022 година, наплатени се вкупно 2.781.024 илјади денари (околу 45 милиони евра) концесиски надоместоци од кои: 287.307 илјади денари (околу 4,6 милиони евра) надоместок за користење на простор, 2.487.581 илјади денари (околу 40,2 милиони) евра надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина и 6.136 илјади денари по основ на камата по двата основи.
„Со извршено аерофотограметриско снимање од страна на експерт/геодет на дефинираниот простор на концесијата, кај 2 концесии утврдивме ископ на минерална суровина надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат концесионерите на вкупен простор од 9.989 м2, што создава ризик концесионерите да не го пресметуваат и плаќаат надоместокот за експлоатираните количини надвор од експлоатационото поле.
Инспекциски надзор над експлоатацијата на минералните суровини е без целосна примена на методологијата за проценка на ризици при избор на субјекти на надзор, нецелосно извршени контролни надзори за отстранување на неправилности, без потврдување на експлоатираните количини на мермер, како и во услови на недостаток на стручни човечки ресурси и опрема не обезбедува ефикасен контролен механизам.
Недостигот на инспекциски надзор врз донесените планови за управување со отпад создава ризик врз намалување на негативните ефекти и штетните влијанија врз животната средина“, пишува во ревизорскиот извештај.
Орце Костов