Додека Општина Кавадарци ги сумира впечатоците од Тиквешки гроздобер, кој изминатиот викенд на градот му донесе над 120.000 посетители, љубители на добро вино и фолк, турбо-фолк, трап и забавна музика, синоќа во преубавиот амбиент во летната бавча на Винскиот Музеј, кавадарчани ја покажаа и својата друга страна, онаа рокерската, кога е музиката во прашање.
Со извонреден концерт се одбележаа 60 години рок музика во градот, и со настапи на кавадаречки рок бендови кои своевремено учествувале во развојот на новиот бран уште од шеесетите години на минатиот век, па наваму, присутните се потсетија на квалитетната музика која ја создадоа и ја оставија во нашите ризници бројни музичари.
На концертот настапија пет рок бендови, а за крај, концерт кој траеше речиси два часа одржа и култната група ,,Токму така” со фронтменот Љупчо Бубо Каров.
Вечер исполнета со добри рок звуци, многу анегдоти, приказни од минатите времиња, сеќавања за оние кои повеќе не се живи, но живеат преку песните кои ги оставиле зад себе…
-Да сме живи и здрави, доживотно, во неколку наврати порача Бубо Каров, кој со својот бенд ги распеа и разигра гостите на настанот, но истовремено покажа дека бендот и по долги години пауза, може да направи атмосфера на која бројни популарни и активни музичари би позавиделе.
Концертот посветен на кавадаречката рок музика беше во организација на Дом на култура ,,Иван Мазов- Климе” Кавадарци, а беше поддржан од Локалната самоуправа на Општина Кавадарци.
Реномираниот ликовен уметник Владимир Темков, кој стои зад Домот на културата, за ,,Фокус” раскажа дека долго време ја имал идејата за одржување на еден ваков концерт, со кој јавноста ќе се врати назад во времињата кога во Кавадарци се одржувале забави со квалитетна музика, кога бројни музичари од градот твореле рок музика и имале чести настапи во локали каде се собирала младината.
-Пред точно 60 години се случи првиот настап на култната група ,,Аноними”, на матине. Потоа се одржуваа забави во салата на Партизан, се свиреше во повеќе локали кои во тие години беа збиралишта на младината и секој настап на кавадаречките групи се одржуваше во преполни сали и локали, со голема поддршка на кавадаречката публика. Од кај нас излегоа многу популарни групи, ќе ги спомнам ,,Аноними”, ,,Токму така”, ,,Дејзи”, ,,Младост”, ,,Динамити”, ,,Багаж”, ,,Плава машина” и други.
Според реакциите на публиката, на овој народ кој вечерва во голем број дојде овде да им оддаде чест на музичарите и на нивното рок творештво, очигледно е дека Кавадарци е рокерски град, лулка на овој бран кој започна пред 60 години и кој се уште трае, бидејќи некои од групите и денес се активни, раскажа Темков.
На крајот на концертот, за кој влезот беше слободен, остана пораката на публиката, овој настан да стане традиција и да се одржува секоја година.
Вики Клинчарова