Маскирани лица дефилираа денеска на карневалот „Прочка 2024“ во Прилеп. Оваа година над 500 учесници се дел од манифестацијата.
Карнвеалското дефиле го предводеа прилепските мечкари, кои се заштитна маска на Карневалот и се прогласени за нематеријално културно богатство од Министерството за култура.
На карнавалот имаше маски од Прилеп и од други градови од земјата.
Прилеп е членка на меѓународната федерација на карневалски градови и со гордост ја одржува вековната традиција во маскирањето.
Карневалските свечености траеја три дена. Во петокот беа изложени преку 400 маски, креации на прилепските ученици, вчера напладне се презентираа обичаите за Прочка, а денеска маскираните ја претставуваа вековната традиција.
Угостителските објекти вечерва ќе работат со продолжено работно време. Прилепските мечкари за утре ги поканија сите гости на заеднички посен ручек со грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај Прилеп со што ќе биде означен почетокот на предвелигденските пости.